Се разбудив многу порано од вчера. Во 12.00 часот. Коските ме болат, главата ми зуи од синоќешното висење на фејсбук, ама погледот право ми оди кон празната столица пред компјутерот.Треба да ја зафатам дури не ми седнал некој, да се одморам малку. Само да ѕирнам дали ме аднал некој. Само 5 минути, ништо појќе. (Макар што некако претчувствувам дека пет по пет, ќе се претворат во 2 часа и 25 минути утрински ритуал со кафе, доручек, трошки од леб и сирење по тастатурата, а можеби и со некоја лебарка внатре во неа).
Автоматски пуштам песна на јутјуб, дури да раздигам постела уз музика и си пеам: „Јас сум шетал јас сум бил на запад, дури до Албанија, но и тоа се претвора во ритуал „песна по песна во полураздигана соба, со пижами на лустерот“.
Оп, грбот ме стегна! Поставувам перниче зад столицата и го започнувам патувањето со Гугл еарт по светот. Се помачив цел час дури ја најдов куќата од Али Риза, но Ада пазар од Џеврије не го најдов. После ме интересираше што е тоа толку посебно на краците што привлекува предавници кај Грчиштава, мамичето нивно. За инает се прошетав низ Солун, колку да се знае дека е наш. Ја барав и мојата зграда во Тетово, небаре не знам каде се наоѓа, како да не сум моментално во неа. Ех, патувајте-сонувајте, со гугл еарт: Во Кан, Сан Марино, Рим, Барселона, цела Европска Унија. Ма што Европа, малку е тоа. Америка бре и куќата од децата на една моја колешка кои во пукањето најдоа начин да пребегаат за Америка и сега се гледаат со мајката на Скајп 11 години. Па Австралија, до куќата од братучед на жена ми, кој се омажи за Австралијанка, бегајќи од Охрид право во текстилна фабрика во Мелбурн.
Чекај сега да видам каде се крие Гадафи? Го барам низ Либијските пустини, дури и по морето, но не го најдов. Три часа така, патувајте-сонувајте со гугл еарт, со грицки и сок на масата и хемороиди на столицата. Очите ме печат, сваќам дека не се измив сабајле. (во 12.00). Скокам како акробат до бањата, се плискам преку глава и по наочарите и неизбришан седнувам назад, за да не пропуштам ако ме аднал некој во меѓувреме.
По 100-ти пат го барам еден Словенец, другар од војска и пак не го наоѓам. Зар може некој денеска да нема фејсбук? Не, не верувам, попрво ќе е дека умрел. Наместо него го наоѓам еден другар Хрват, кој беше полуписмен, а сега е пратеник во Хрватското собрание.Е, тој тогаш ми се восхитуваше и мислеше дека еден ден од мене ќе биде нешто.
Ај, јас да не се играм и да сменам слика на профилот, кај што сум сликан во Драч на плажа, пред да повратам. (ама никој не знае и мнозина ќе речат блазе си му.).
Ѕиркајќи со едното око кон Турска серија на тв, ме заинтригира што човек бил тој Кемал Ататурк, па го барам на Википедија. После линк до султанот Бајазит, па Милош Обилиќ, па Милошевиќ, Хитлер, Тито, Ричард Бартон, Ричард Гир, Роки, Тајсон, Боки 13…
Што ти се линкови! Се нижат еден по друг, следни 2 часа, со две јаболка и сок, ама ми се примоча. Кој ќе оди во веце, а таман отворив за Анѓелина Ѓоли. И дур мочав, си викам тивко, шеретски, а да отворам некое порно клипче? Никој немам дома, ако наиде жената или децата одма кликам на минимајз и се правам на будала. Ќе се префрлам на блогирање со сериозно-маченичка фаца, божем пишувам пост за моќта на интернетот…
Е, моќен ѕвер е тој интернет. Милијарди информации, милион музики, клипови, филмови. Било кое место на планетава да го видиш. Било кој човек на светов да го аднеш за пријател. (освен другар ми од Словенија, бог да го прости.)Било која глупост да ја напишеш, може да ја објавиш. И замисли, ако ти е роденден денеска, те потсетува!
Замисли, денеска навистина ми било роденден! И ако утре ме чукне инфаркт, што оставам зад себе? 4820 пријатели кои не ме познаваат, илјдници часови што сум ги промашил над тастатурата, додека надвор пееле птици на убаво време.
Страшен ѕвер е тој интернетот. Ти ги пие очите, те подгрбува, те здебелува, ти набива маснотии, те затвора во соба и ти ги јаде деновите и ноќите како на осуденик кој доброволно го прифатил притворот. После ти ги остава децата без татко, жената без маж исправен покрај неа. Ти дава 4820 лажни пријатели, а те става во сомнеж дали надвор ти останал 1 вистински другар со кој ќе се смееш за некогашни глупости во Тетовската гимназија, покрај шарената џамија, кога си мислел дека ќе биде твој 21-от век. Е, па чекај малку. Денес ми било роденден и одам накај пола век. А старите рекле: пола век, тој мек, нема лек. Затоа пред 86 присутни блогери на Македонската блогосфера, ветувам дека од сега па натаму, на интернет ќе заседнувам само по строга потреба, со план и не повеќе од 2 часа дневно! Остатокот ќе живеам, ќе се разлетам надвор од софтверите, по вистинските облаци, ќе се барам себе си како невиртуелно, креативно човечко чудо! И уште нешто: тој мек, ама на туѓ објект, има ефект.